Press Release

Нова програма на ИФЦ за поддршка на производствениот сектор во Северна Македонија

октомври 31, 2020
Скопје, Северна Македонија, 21 јуни 2019 година – ИФЦ, членка на Групацијата Светска банка, денес потпиша меморандум со Министерството за финансии на Северна Македонија за поттикнување на развојот на преработувачката индустрија во земјата. Партнерството е дел од вкупните напори на ИФЦ за отворање работни места, за зголемување на домашниот извоз и за придвижување на економскиот развој во регионот Западен Балкан.
Проектот во Северна Македонија е поддржан од Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (СЕКО) и предвидува советување на државните агенции од страна на ИФЦ за олеснување на процедурите и намалувањето на преобемната бирократија и за донесување прописи со кои ќе се поддржи преработувачката индустрија. Се предвидува и советување на локални мали и средни компании од страна на ИФЦ, помагајќи им да го подобрат своето работење, да добијат пристап до финансиски средства и да воспостават врски со фирми во Еврозоната. Тоа е важно за Северна Македонија каде многу локални производители се соочуваат со предизвици со влегувањето на западноевропскиот пазар и нивна интеграција во синџирите на снабдување на мултинационалните компании.
„Ова партнерство ќе помогне Северна Македонија да стане поатрактивна дестинација за странските производители и ќе го охрабри развојот на локалните производители,“  - рече Драган Тевдовски, министер за финансии на Северна Македонија. „.Со развивање на синџирите за набавка и преку подобрување на знаењата (know – how) на компаниите, ефектите врз целата економија ќе бидат поголеми.“
Ова партнерство претставува прва фаза од планираната програма на ИФЦ за поддршка на производителите во Северна Македонија, Србија и во Косово.  
„Преработувачката индустрија е клучен извор на работни места и на странски инвестиции во овој регион,“ – изјави Џорџина Бејкер, потпретседателка на ИФЦ за Европа, Централна Азија, Латинска Америка и Карибите. „Со поддршката на локалните производители можеме да го поттикнеме извозот, да ги подобриме врските со глобалните синџири на вредности, да го забрзаме отворањето работни места и да поттикнеме поодржлив раст.“
Швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Тејада рече: „Приватниот сектор го има клучот за отворањето работни места и за движењето на растот во Северна Македонија. Преку давањето совети на приватните бизниси, особено на производителите, можеме да и помогнеме на земјата да го капитализира овој огромен потенцијал.“
Ова е првиот советодавен проект во рамките на новата Рамка на Групацијата Светска банка со Северна Македонија за периодот 2019 – 2023. Еден од столбовите на оваа стратегија е развојот на приватниот сектор во земјата, клучен извор на работни места и на иновации.
За ИФЦ
ИФЦ – сестринска организација на Светска банка и членка на Групацијата Светска банка – е најголемата светска развојна институција фокусирана на приватниот сектор во растечките пазари. Работиме со повеќе од 2.000 бизниси низ целиот свет, користејќи го нашиот капитал, стручност и влијание да создадеме пазари и можности во најсуровите делови од светот. Во фискалната 2018 година имаме доделено повеќе од 23 милијарди УСД како долгорочно финансирање за земјите во развој, искористувајќи ја моќта на приватниот сектор за ставање крај на екстремната сиромаштија и за поттикнување на заедничкиот просперитет. За повеќе информации посетете нè на www.ifc.org
Останете поврзани
За СЕКО
СЕКО е центар за компетенции на Швајцарија за сите основни прашања поврзани со економските политики. Соработката на СЕКО за економски развој се стреми кон постигнување инклузивен и одржлив раст и намалување на сиромаштијата во земјите партнери. Неговите активности имаат за цел отворање повеќе и подобри работни места, поттикнување на трговијата и конкурентноста, поддршка на ефективните институции и услуги и поттикнување на економија отпорна на климатските услови. За повеќе информации одете на www.seco-cooperation.admin.ch .

Contacts

Во Виена Џенифер Биспинг
+43 1 2170588